РЕЗУЛТАТИ: 1.коло 2МФЛ

Тиквеш – Победа Јуниор 2:1
Осогово – Беласица 3:0
Скопје – Руфеја 5:0
Пелистер – Кораб 2:0
Влазерими – Дрита 0:0
Локомотива – Риниа 1:2
Треска – Миравци 2:2
Охрид Лоте – Еуромилк 2:3

Следно коло: 14.08.2011 (17ч)

Победа Јуниор – Еуромилк
Миравци – Охрид Лоте
Риниа – Треска
Дрита – Локомотива
Кораб – Влазерими
Руфеја – Пелистер
Беласица – Скопје
Тиквеш – Осогово

ПРОДАДЕНИ САМО 451 ВЛЕЗНИЦА

34082karti1Долго очекуваниот старт на „Осогово“ во Втората Македонска Фудбалска Лига навестуваше и голема посетеност и секако добар приход кој е наменет за играчите кои пред стартот на сезоната се изјаснија дека ќе бараат по некој денар само доколку за тоа се создадат услови, а токму управата на клубот беше таа која им вети дека приходите од продадените влезници ќе бидат наменети за нив.

За жал иако на Западната трибина на која единствено се наплатуваа влезници имаше повеќе од илјада гледачи, информирани сме дека се продадени само 451 влезница.

Помалку чудно беше да се види како некогашни играчи на „Осогово“ кои благодарение на клубот имаат добиено вработувања сега не сакаа да платат влезница со образложение дека тие овде на стадионот имале „минат труд“. Чудно беше што и многумина спортски работници кои се на добри функции во Општината и со не мали заработувачки како се протнуваа на службениот влез само да избегнат да платат влезница со симболична цена од 50,00 денари. Чудно беше како други спортски работници покажуваа некакви службени пропусници не од Фудбалскиот Клуб „Осогово“ се со цел да влезат, и да очекуваат сеир, за да веднаш по завршувањето на натпреварот се фалат како еве и тие се со клубот и дека му „помагаат“ колку што се неговите потреби.

За наредните средби на „Осогово“ како домаќин Управата ќе се потруди истите тие лица да бидат со снимка претставени на јавноста.

Текстот е превземен од: www.komarec.com.mk

ШТЕТА ШТО ФУДБАЛОТ НЕ ЗАПОЧНУВА СО 17 ИГРАЧИ

111Пред почетокот на неделниот натпревар од првото коло во Втората Македонска Фудбалска Лига помеѓу „Осогово“ и „Беласица“ атмосферата во клубот не беше иста каква што беше на теренот. Тренерот Крсте Крстев кој според многумина добри познавачи на фудбалската игра изведе мошне добар состав мака мачеше како да ги убеди дел од играчите кои не се најдоа во првите единаесетмина дека и на нив сериозно смета во сите натпревари.

Беше создадена атмосфера во која не се знаеше колку играчи ќе има пријавено во записникот освен првите единаесетмина. Факт е дека „Осогово“ сега има најмалку по двајца квалитетни играчи за секое место во екипата, но факт е дека секогаш ќе има и незадоволни.

Кога ќе се погледнеше првиот состав што истрча на теренот и оние кои седеа на клупата за резервни играчи а се знаат и оние кои не можеа да влезат во двете комбинации влева надеж дека „жетварите“ годинава имаат состав за респект кој не треба од никого да стравува.

Јасно е дека според тактиката на тренерот Крстев ќе се формираат и стартните единаесетмина, но уште појасно е дека и тогаш ќе има незадоволни, бидејќи сите се свесни за своите квалитети и својот придонес во сегашните настапи на клубот.

Но првенството е долго и полека но сигурно сите ќе сфатат дека се дел од екипата без разлика дали се на теренот, на клупата или во гледалиштето. Ќе сфатат дека само со работа и добра форма можат да му се наметнат на тренерот Крстев, а тогаш управата на клубот ќе биде на „слатки маки“ бидејќи и таа ќе треба да се потруди да ги награди оние што ги разгалуваат срцата на гледачите.

Текстот е превземен од: www.komarec.com.mk

ВОДОВОД И ЏАЈКАТА „ВИНОВНИЦИ“ ЗА ОДЛИЧНАТА ПРЕТСТАВА

FK OSOGOVOБлагодарение на вработените во КЈП „Водовод“ а посебно на Генералниот директор Љупчо Папазаов и на Техничкиот директор Александар Ефтимов работите околу санацијата на недостатоците на стадионот „Никола Мантов“ се завршија на време.

Теренот беше дотеран по мерак на актерите на средбата, недостатоците во соблекувалните за играчите и судиите беа санирани навреме, отворите на стадионот навреме беа заѕидани, а околината околу стадионот „Никола Мантов“ беше исчистена и спремна за паркирање на возила.

Колку што беше работата околу санирањето на недостатоците ма стадионот заслуга за КЈП „Водовод“ толку голема беше заслугата и на Драган Димитровски – Џајка околу техничките проблеми што се појавија пред самиот натпревар.

Димитровски кој поради оправданото отсуство на Претседателот Атанас Кушевски, ги беше земал обврските на свои плеќи, заедно со Благајникот на клубот Јордан Арсов беше главниот двигател околу организацијата на она што гледано од техничка природа требаше навреме да се заврши.

Ако играчите на „Осогово“ носени од навивачите ја остварија првата второлигашка победа и ги ставија првите три бода на контото на „Осогово“, победа извојуваа и вработените во КЈП „Водовод“ заедно со Џајката кои беа токму директните „виновници“ за сето она што убаво се случуваше во неделата попладнето на стадионот „Никола Мантов“.

Текстот е превземен од: www.komarec.com.mk

ИЗВЕШТАЈ ЗА НАТПРЕВАРОТ: Ф.К. Осогово – Беласица

Ф.К. Осогово Во воведниот натпревар во 2.МФЛ и во прекрсна и несекојдневна атмосфера, aтмосфера која тешко кој може да ја види и на натпревар од 1.МФЛ, поточно кажано во атмосфера за која Градскиот Стадион “Никола Мантов” во Кочани сигурно копнееше со години, екипата на Ф.К. Осогово успеа со одлична игра и резултат од 3:0 (1:0) да слави против екипата на Беласица од Струмица и да ги прокнижи првите три бода во 2.МФЛ по поминати шест години во 3.МФЛ-Исток. Головите за Ф.К. Осогово беа дело на: Натков (12′), Лазаревски (48′) и Паунов (54′).

Ф.К. Осогово
: Данев, Цветанов, Б. Коцев, Паунов, В. Коцев, Јаневски, Лазаревски (Коцевски 88′), Натков (Јанев 77′), Илиев, Мирославов, Богдановски (Насевски 70′). Тренер: Крсте Крстев.
Беласица: Илијев, Јанев, Чачев, Христовски, Глигоров (С. Стојанов 88′), Донев (Алаѓосовски 33′), Ѓурчиновски, Савески, Лиманов, Петров (Узевски 46′). Тренер: Ацо Стојанов.

Главен судија: Симеон Стефков. Помошници: Марјан Стојанчевски и Дејан Димитриевиќ. Четврти судија: Никола Костенчев (сите од Скопје). Делегат на натпреварот: Горан Гаврилов (Пробиштип).

На Градскиот Стадион “Никола Мантов” пред публика која броеше некаде околу 1500 гледачи, како да играше само екипата на Ф.К. Осогово, играчите на Беласица беа во поголем дел од натпреварот само гледачи на одличната игра што ја прикажаа “Жетварите”. Ф.К. Осогово беше екипата која во најголем дел од натпреварот ја имаше топката во свој посед и создаваше сериозни шанси. Во 27′ регуларно беше поништен голот кој го постигна Натков, исто така да не заборавиме на стативата која ја погоди истиот играч, кој сигурно имаше уште неколку изгледни шанси за гол и да не го заборавиме на неколкуте пропусти кој ги имаше линискиот судија најмалку во два-три наврати. Играч на натпреварот без дилема беше Мирче Натков од редовите на домаќинот. Од шансите за гол кои ги имаа гостините можеме само да ја издвоиме онаа во 76′ кога од неколку метра биеше Лиманов, но капитенот Данев одлично одбрани и ја сочува сопствената мрежа.

"СЕЈМЕНИ ЗАПАД"

Би било срамно доколку во овој пост не напишеме барем две-три реченици за перфектните “Сејмени”, навивачката група на Ф.К. Осогово кои цело време и пред и во текот на натпреварот имаа огромна подршка од постарите фанови на Ф.К. Осогово т.н. “Сејмени Прва Постава”, кои на овој натпревар прославија дваесет години од нивното постоење. Фановите на Ф.К. Осогово кои се наоѓаа на источната трибина во дадени моменти имаа подршка и од западната трибина, која беше преполна. Секоја чест и за источната и за западната трибина, но тоа што денес го направија Сејмените за Ф.К. Осогово нека послужи како пример за другите навивачки групи во регионот и пошироко. Денес беше чест и задоволство да бидеш играч на Ф.К. Осогово.

Со сигурност и со задоволство може да се каже дека недела (07.08.2011) беше голем ден за сите граѓани на Кочани, ден кога во Кочани секој зборуваше за Ф.К. Осогово, ден кој ќе биде запаметен како голем фудбалски празник за кочанчани и за Ф.К. Осогово.

Следниот натпревар Ф.К. Осогово го игра за една недела т.е. на 14.08.2011 на гостински терен против екипата на Г.Ф.К. Тиквеш од Кавадарци.

А. Стоименов